Судот во Москва денеска ја одби жалбата на американската кошаркарка Бритни Гринер, која е осудена на девет години затвор поради поседување и шверц на наркотици.
Таа бараше од судот да ѝ биде намалена „трауматичната“ затворска казна.
„Судот одлучи пресудата изречена во август да остане непроменета“, порача судијката Eлена Воронцова, додавајќи дека во казната ќе бидат земени предвид месеците кои Американката ги помина во затвор од март.
Гринер не беше присутна во судницата во Москва, туку одлуката на судијката по нејзината жалба ја следеше преку видеоврска од затвор.
Бритни Гринер, која е една од најдобрите американски кошаркарки на денешницата и има два златни олимписки медали, на 17 февруари годинава на московскиот аеродром „Шереметјево“ беше уапсена откако кај неа беа пронајдени шишиња со масло од хашиш, кое е забрането во Русија, но е легално во САД.
Таа на 4 август беше осудена на девет години затвор за поседување и шверц на наркотици, а за време на судењето ја призна вината притоа велејќи дека немала намера да направи какво било кривично дело туку заборавила дека маслото од хашиш кое го користи за лекување е забрането во Русија.