Бизнисменот Илон Маск објави видео на кое се гледа како влегува во седиштето на Твитер, компанијата која со месеци се двоуми дали да ја купи, носејќи мијалник во рацете. Тој појасни дека се работи за симболика, со фразата „Нека потоне“ („Let that sink in“), која на англиски се користи во ситуации кога нешто треба да се прифати, сфати или да се разбере.
Бизарното видео на Маск за еден час собра дури 4,2 милиони прегледи на Твитер.
Маск пролетта понуди да го преземе Твитер за 54,2 долари по акција, односно за вкупна цена од 44 милијарди долари, по што беше потпишан прелиминарен договор за купопродажбата. Но, Маск во јули еднострано го раскина овој договор, а Твитер покрена правна постапка за да го принуди да ја почитува прифатената обврска.
Во уште еден пресврт на почетокот на месецов, Маск достави нова понуда за преземање на социјалната мрежа, а тужбата беше ставена во мирување до 28 октомври за да може Маск да го финансира договорот.
Entering Twitter HQ – let that sink in! pic.twitter.com/D68z4K2wq7
— Elon Musk (@elonmusk) October 26, 2022