Boksy.mk прва детска апликација за читање и слушање книги

Во функција е првата детска апликација за читање и слушање книги Бокси.  Преку апликацијата ќе може да се потикнат децата да читаат повеќе книги, а времето поминато пред екраните на мобилните уреди да биде корисно, едукативно и забавно.

Искуствата со овој модел, кој е успешно применет на нордискиот пазар покажуваат подобрување на читачките навики на најмладите и љубовта кон книгата. Следејќи го овој пример „Бокси” на иновативен начин ја збогатува македонската детска литература.

Преку стотици е-книги и аудио книги достапни на македонски, англиски и албански јазик, апликацијата прави креативен спој помеѓу учењето и забавата за децата уште од најмлада возраст од 3 па се до 16 години.

Најзабавните македонски наслови се дел од библиотеката на Бокси и бројот континуирано расте. „Светот на Биби”, забавни сликовници, авантуристички приказни, едукативни книги, басни, поучни четива од светот на животните, „Стела и Сани”, „Дневникот на едно шмокле”, „Ешка и Ешко”, „Јазовецот Итре”, „Мимбо Џимбо” и уште многу други книгички можат да се пролистаат на Бокси.

Апликацијата е направена за да го разубавува светот на најмладите и конечно да ја разбуди љубовта кон литературата и читањето. Бокси претставува спој помеѓу светот на игрите и светот на книгите. Во апликацијата дечињата можат да одберат свој аватар и да го уредуват со паричките собрани од секоја прочитана книга. Има еден мал куп на аксесоари / додатоци за аватарчето. Прочитаните книги им носат парички со кои што можат да добијат многу награди како Робакс картички, карти за кино и зоолошка, играчки и безброј други радости.

Покрај книгите, за развивање на интелектот и љубопитноста на децата во оваа апликација ќе бидат достапни и едукативни квизови, како и можност за натпреварување со другарчиња.

-Македонската детска литература сега ќе е на дофат на децата, збогатена со многу забавни содржини и можности за гејмификација. Со тоа ќе им овозможиме на децата да градат подобри односи со книгите и да стекнат корисни навики за повеќе читање, вели Димитар Најденов, еден од основачите на Ретинг, компанијата што ја создаде Бокси.

Треба да знаете
Последни објави