Лацио денес очекуваше нова победа, но изгледа дека заморот го прави своето кај клубот од Рим. Вториот пораз сезонава на Лацио дојде во неочекуван момент.
На 3. септември Лацио го прими последниот гол во Серија А, но сега дојде ред да примат три на свој терен од Салернитана, иако римските Орли по првото полувреме водеа со 1-0.
Домаќините до водство стигна во 41. минута откако Луис Алберто одлично го пронајде Заканџи кој го совлада противничкиот голман за 1:0.
Во второто полувреме Салернитана брзо изедначи. Најубавиот од четирите гола вечерва на „Олимпико“ беше дело на ветеранот Антонио Кандрева кој после 1.178 минути против Лацио, конечно првпат му даде гол и тоа со убав лоб, најавувајќи го пресвртот. Целосен пресврт Салернитана направи во 68. минута. После еден центаршут од десната страна топката дојде до Федерико Фачи кој погодува за 1:2 на 20 минути пред крајот, а по една контра 76-та минута, Дија ги постави конечните 1:3 и ја прекина победничката серија на Лацио.
Не му помогна на Лацио ниту влегувањето на Милинковиќ-Савиќ, иако создадоа неколку прилики сепак немаше промена на резултатот.
Белјата не оди сама, па Лацио освен што непланирано загуби, за претстојното дерби со Рома остана и без Сергеј Милинковиќ Савиќ кој доби жолт картон за суспензија од еден меч.
Лацио останува на четвртата позиција со 24 бодови, односно осум помалку од лидерот Наполи, додека Салернитана има 16 бода и се наоѓа на деветто место.