Канје Вест вели дека е „уништен до срж“ откако неколку големи компании го отфрлија, што го чинеше 1 милијарда долари. Сè започна со неговите антисемитски коментари.
Раперот и дизајнер се пожали на својот Инстаграм-профил: „Мојата империја се распаѓа, пишувам на Инстаграм затоа што сè уште ми е дозволено да бидам на платформата на Марк Закерберг“.
Канје побара ревизија на договорите со компаниите кои му ја откажале соработката. „Да ги погледнеме договорите за да можеме да правиме подобар бизнис“, напиша Канје.
„Јас сум уништен до срж и сè уште никој не е повикан на одговорност за тоа“, пишува Канје. „Непознати сили се обидуваат да ми го уништат животот поради твит“, вели тој, мислејќи на твитот што го започна сето ова.
Вест, всушност, на Инстаграм инсинуираше дека раперот Диди е контролиран од Евреи. Објавата на Вест се состоеше од снимки од неговиот разговор со Диди за контроверзните маици White Lives Matter што ги претстави на модна ревија во Париз.
Тој, исто така, твитна дека наскоро ќе се впушти во defcon3 против Евреите, алудирајќи на скалата на подготвеност на американската војска позната како DEFCON. Објавата набрзо беше отстранета, а профилот на Вест на социјалните мрежи е привремено блокиран.