Не само оваа година, туку во последните три години Владата предводена од СДСМ презема навремени и праведни мерки за помош на граѓаните во време на криза, истакна потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи во интервју за веб порталот Локално.
Битиќи посочи дека Владата има јасен план преку штедење и одговорно работење да се справи со кризата и навремено да им помага на домаќинствата и граѓаните, но при тоа и да вложува во капитални проекти во инфраструктурата и енергетиката.
„Државата има преземено неколку конкретни чекори во насока на зголемување на домашните производствени капацитети и намалување на ранливоста на земјава во оваа област. Веќе сме дел од проектите за гасната централа и гасниот терминал Александопули во Грција, каде државата ќе има одреден процент сопственост, како и загарантиран закуп на произведена струја и капацитет за складирање гас,. Друг голем проект е тридецениската сага за изградба на браната Чебрен на Црна Река, која полека но сигурно оваа Влада ја приведува кон крај, и истата очекувам да започне да се гради во текот на 2023 година.
Влеговме и во јавно приватно партнерство со две фирми кои веќе се во фаза на изведба на две фотоволтаични централи на просторот на ТЕЦ Осломеј, двете имаат инсталирана моќност од по 50 MW,
Од друга страна, само по законот за стратешки инвестиции, кои се приватни инвестиции, до сега имаме одобрено стратешки енергетски проекти во вкупен износ од околу 1,5 милијарди евра, и вкупна инсталирана моќност од близу 2 GW, што е капацитет кој е поголем од вкупната моќност на сите електро енергетски капацитети во државава кои се изградени изминативе 75 години” порача Битиќи.