Данската премиерка се бори за нов мандат, сериозен ривал ѝ е експремиерот Расмусен

Данците денеска излегуваат на гласање, каде што премиерката Мете Фредериксен се надева дека гласачите ќе ѝ дадат заслуга за нејзиното справување со пандемијата и ќе ѝ дадат доверба во раководството за надминување на зголемената инфлација и геополитичката неизвесност.

Во политичката арена поделена меѓу 14 партии, анкетите покажуваат дека ниту еден од двата главни блока не може да освои мнозинство од 90-те места во данскиот парламент Фолкетинг со 179 места.

Левичарскиот Црвен блок, предводен од социјалдемократите на премиерката Фредериксен, според анкетите, има 49,1 отсто од гласовите, односно може да смета на 85 претставници. Според анкетите, Синиот блок на десничарските партии има 40,9 отсто од гласовите, што треба да обезбеди 72 места за десничарската коалиција.

Изборите се претворија во битка за центристичките гласачи, а поранешниот премиер Ларс Локе Расмусен ќе биде тој што ќе има напредок со неговата нова партија „Умерени“. Анкетите покажуваат дека неговата партија ќе освои 10 отсто од гласовите или 18 пратенички места, што е петкратно зголемување на поддршката од септември и изненадување за политичките аналитичари.

Изборите доаѓаат во време кога високите цени на енергенсите и највисоката инфлација во последните четири децении ги изедуваат економиите на домаќинствата и само еден месец по саботажата на двата гасоводи кои транспортираат гас од Русија до Германија преку данските води, поттикнаа чувство на несигурност кај Данците.

Анкетите покажуваат дека Социјалдемократската партија повторно ќе стане најголемата партија во парламентот. Сепак, далеку од сигурно е дека Фредериксен ќе може да остане на власт. Анкетата објавена доцна синоќа од Галуп за весникот Берлингска покажа дека 24 отсто од гласачите се уште не одлучиле кого ќе поддржат.

Фредериксен, која во 2019 година стана најмладата жена премиер на Данска, се обидува да формира широка коалиција преку традиционалната поделба на леви и десни, тврдејќи дека е потребно политичко единство во време на меѓународна несигурност.

По изборната кампања, анкетите покажуваат дека Расмусен и неговите умерени, основани пред само четири месеци, можат да станат трета по големина партија во парламентот, зад социјалдемократите и неговата поранешна партија Либералите. Иако Расмусен официјално не ја објави својата кандидатура за премиер, анкетите покажуваат дека гласачите би го претпочитале него пред десничарските кандидати Јакоб Елеман-Јенсен од Либералната партија и Сорен Папа Поулсен од конзервативците.

Треба да знаете
Последни објави