Кошаркарката на евролигашот УСК Прага, Мерит Хемпе ќе биде нов член на македонската репрезентација во продолжението од квалификациите за Евробаскет 2023, откако доби македонско државјанство.
Дваесет и осумгодишната Хемпе е родена во Фредериксбург, во САД. Со своите 193 сантиметри игра на крилната позиција. По завршувањето на Универзитетот Џорџија, каде во сениорската сезона имаше просечни 9.6 поени и 6.1 скока, премина во Европа.
Во сезоната 2016/2017 за свој прв клуб на Стариот континент го одбра германскиот Кемниц, каде на 22 натпревара дојде до просек од 18,2 поени и 8,6 скока за просечно одиграни по 31 минута по натпревар.
Следната станица во нејзината кариера беше Русија, поточно Казаночка од Казан со 24 одиграни натпревари и просек од 9,2 поени и 3,3 скока.
Од 2018 година игра во Шпанија. Беше дел од екипата на АЕ Седис (просек од 11,4 поени и 4,6 скоа), потоа и на Ман Филтер, каде забележа 12,1 поени и 7 скока. Се задржа една сезона, а во онаа наредната потпиша договор со Енсино, каде исто така имаше доста добри бројки во статистиката. Реализираше по 14,5 поени и 4,2 скока, што беше добра препорака да премине во Сарагоса.
Тука новата Македонка се задржа најдолго, поточно до средината на октомври. Игрите во црвениот дрес ги заокружи со просечни 14,3 поени и 5,3 скока, пред да прифати уште еден предизвик, сегашниот клуб УСК Прага.
Хемпе ќе биде дел од нашата најдобра женска селекција за она што следува на крајот на ноември. Квалификациските натпревари од групата „А”, против селекциите на Белгија на гости и со Германија во Скопје.
Од КФМ вчера информираа и дека Ти Џеј Шортс, најдобриот стрелец во Бундеслигата, ќе биде нов репрезентативец на Македонија.
Американецот се наоѓа на списокот на селекторот Александар Јончевски за ноемврискиот циклус, и мечевите со Норвешка и Данска во Гевгелија, објави Кошаркарската федерација на Северна Македонија.