„Само по законот за стратешки инвестиции, кои се приватни инвестиции, до сега имаме одобрено стратешки енергетски проекти во вкупен износ од околу 1,5 милијарди евра, и вкупна инсталирана моќност од близу 2 GW, што е капацитет кој е поголем од вкупната моќност на сите електро енергетски капацитети во државава кои се изградени изминативе 75 години, порача вицепремиерот за економски прашања во Влада, Фатмир Битиќи во интервју за порталот Локално.мк
Вицепремиерот во интервјуто истакна дека Владата има јасен и прецизен план како да им помогне на граѓаните, но и да ја зголеми енергетската независност на државата.
„Покрај ова ние како држава влеговме и во јавно приватно партнерство со две фирми кои веќе се во фаза на изведба на две фотоволтаични централи на просторот на ТЕЦ Осломеј, двете имаат инсталирана моќност од по 50 MW и секако покрај тоа што ќе бидат дополнителен ресурс за домашниот пазар на електрична енергија, исто така ќе бидат значаен полнач на буџетот, затоа што имаа обврска да плаќаат по 18% од вкупните приходи од произведената електрична енергија во централниот буџет на државата.“ посочи Битиќи.