Голем дел од Киев е без струја и вода по серијата руски ракетни напади врз клучната енергетска инфраструктура. Началникот на украинската војска Валериј Залужњи на Телеграм изјави дека Русија истрелала 55 ракети и десетици други муниции кон „цивилни цели“ низ целата земја, неколку дена откако Русија ја обвини Украина за напади со беспилотни летала врз нејзината црноморска флота.
Советникот на Зеленски, Олексеј Арестович, го нарече ракетниот напад „едно од најмасовните гранатирања на територијата на Украина од Руската Федерација“. Но, тој додаде дека, благодарение на противвоздушната одбрана, штетата не била толку критична како што можеше да биде.
Иако војската соопшти дека многу од ракетите биле соборени, премиерот Денис Шмигал рече дека нападите сè уште предизвикале прекин на електричната енергија во „стотици“ области во седум украински региони.
Неколку експлозии се слушнаа во главниот град Киев.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека 40 отсто од жителите на градот останале без вода, додека 270.000 домови се без струја. На запад од Киев, новинар на АФП видел повеќе од 100 луѓе со празни пластични шишиња и контејнери кои чекале да земат вода од фонтана во паркот.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер напиша:
„Наместо да се бори на бојното поле, Русија се бори против цивилите“.
Оштетената украинска енергетска инфраструктура ќе се санира со опрема од 12 земји, се вели во посебна изјава на Кулеба.