Израелците денеска гласаат на петтите парламентарни избори за помалку од четири години. Повеќето од над 12.000 избирачки места низ Израел беа отворени во седум часот по локално време, а ќе се затворат во 22 часот.
На овие избори речиси 6,8 милиони Израелци со право на глас може да избираат меѓу 39 партии за 25-от состав на Кнесетот.
Осумпартиската „Влада на промени” во заминување, се распадна откако го изгуби тенкото мнозинство и подлегна на идеолошките разлики што се обидуваше да ги избегне.
Сојузот на десничарските и верските партии се обидува да ја врати власта по година и пол во опозиција. Но, судејќи според анкетите, повторно може да се очекува политички ќорсокак, коментираат дел од израелските медиуми.
Израелскиот Парламент, Кнесетот, има идеолошки десничарско и религиозно мнозинство од околу 70 од вкупно 120 пратеници. Но, не е лесно да се формира стабилна коалиција, бидејќи има политичари кои одбиваат да бидат во влада предводена од поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху, лидерот на конзервативната партија Ликуд.
Нетанјаху е премиер со најдолг мандат во историјата на Израел, а сега од гласачите бара да му дадат уште една шанса, додека му се суди за корупција.
Премиерот Јаир Лапид се надева дека за време на неговиот краток мандат, покажал оти освен Нетанјаху, има и уште некој, кој може да ја води земјата.
Се очекува ниту партијата на Нетанјаху, ниту таа на Лапид – Јеш Атид што значи „Има иднина”, да освојат доволно места во Парламентот за да формираат нова влада.
Тие се надеваат дека ќе обезбедат мнозинство од 61 пратеник со помош на помали партии. Доколку не успее ниту едната, ниту другата партија, во Израел наскоро може да се одржат нови избори, по пет гласања за помалку од четири години.