Токио ги призна истополовите партнерства, активистите велат дека тоа е голем чекор напред

Токио денес почна да издава потврди за партнерство на истополови парови кои живеат и работат во главниот град, што е долгоочекуван чекор во Јапонија. Одобрувањата дозволуваат ЛГБТК партнерите да се третираат како брачни парови за широк опсег на јавни услуги во области како што се домување, медицинска и социјална грижа.

Повеќе од 200 помали локални власти во Јапонија веќе презедоа чекор за признавање на истополовите партнерства откако токискиот округ Шибуја првпат го воведе системот во 2015 година. Иако статусот не ги носи истите законски права како бракот, тоа е добредојдена промена за паровите како Мики и Кејти, кои долго време се без официјален доказ за нивната врска.

„Мојот најголем страв беше дека ќе не’ третираат како странци во итен случај“, изјави Мики за „АФП“ во нејзиниот дом во Токио, каде што фотографиите на 36-годишната Јапонка и нејзината девојка – Американката Кејти (31) го красат фрижидерот.

Без потврда за партнерство, двете обично ставаа белешка во паричникот со контакт информациите на другиот.

„Но, таа информација е незначителна и сметавме дека официјалните документи заверени од локалната власт ќе бидат поефикасни“, рече Мики додека нивната сиво-бела мачка се шеташе наоколу со машна во боите на виножитото.

Од петокот наутро, 137 парови поднеле барање за потврда, рече гувернерот на Токио Јурико Коике минатата недела.

Се зголемија надежите дека воведувањето потврди за партнерство од ист пол, кои важат и за жителите и за оние кои работат во главниот град, ќе помогне во борбата против дискриминацијата на ЛГБТК заедницата во Јапонија.

„Преку системот за партнерство во Токио, искрено се надевам дека ќе ги забрзаме напорите за создавање општество во кое правата на сексуалните малцинства ќе бидат заштитени и изедначени со правата на другите“, рече активистката Сојока Јамамото на прес-конференција во вторникот.

Јамамото и нејзината партнерка Јорико, кои живеат заедно повеќе од една деценија, ја добија потврдата во вторникот наутро.

„Се надевам дека сега ќе можам да пристапам до различни услуги без да морам да ја објаснувам нашата врска“, рече Јорико, нарекувајќи го воведувањето на потврдата „голем чекор напред“.

Во последниве години, Јапонија – управувана од конзервативна владејачка партија која ги застапува традиционалните семејни вредности – почна да презема мали чекори кон прифаќање на сексуалната различност.

Сега повеќе компании поддржуваат истополови бракови, а хомосексуалните парови се појавуваат поотворено на ТВ емисиите. Истражувањето од 2021 година на јапонскиот национален радиодифузер NHK покажа дека 57 отсто од јавноста се за геј бракови, додека 37 отсто биле против.

Сепак, пречките сè уште постојат. Судот во Осака во јуни пресуди дека непризнавањето на истополовите парови е во согласност со Уставот.

Премиерот Фумио Кишида беше внимателен во врска со можноста за законски измени кои ќе ги признаат истополовите партнерства на национално ниво.

Во меѓувреме, Нобору Ватанабе, локален пратеник на владејачката Либерално-демократска партија на Кишида, беше на удар минатиот месец бидејќи ги нарече истополовите бракови „одвратни“.

„Некои политичари дадоа многу негативни коментари, како да сме ментално болни“, изјави Кејти за АФП. Но, „семејствата не се секогаш составени од мајка, татко и две деца. Треба да бидеме пофлексибилни“, рече таа.

Треба да знаете
Последни објави