Турција продолжува да ги презема неопходните чекори за решавање на проблемите поврзани со спроведувањето на Договорот за жито, изјавил денеска претседателот Реџеп Таип Ердоган за време на телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
„Претседателот Ердоган рече дека Турција продолжува да ги промовира потребните иницијативи до сите страни за решавање на проблемите поврзани со спроведувањето на Меморандумот од Истанбул за снабдување со жито”, соопшти Кабинетот на претседателот на Турција.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека министерот Сергеј Шојгу денеска разговарал за Договорот за жито со неговиот турски колега Хулуси Акар, што е вторпат во два дена. Како што прецизираат од Министерството, телефонскиот разговор бил на иницијатива на Турција.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денеска посочи на неопходноста од надминување на проблемите за да се одржи производството и извозот на жито, во рамките на Договорот постигнат во јули оваа година меѓу Киев и Москва, со посредство на ОН и на Турција.
Во обраќањето пред медиумите Чавушоглу најави дека турскиот претседател во наредните денови ќе разговара за прашањето со лидерите на Русија и на Украина.
Русија во саботата соопшти дека го суспендира своето учество во Договорот за жито, по нападите врз воените бродови на нејзината Црноморска флота и трговските бродови ангажирани за обезбедување на коридорот за жито.