Иако замина полни со оптимизам дека може да изборат европска пролет, белградска Црвена Звезда остана без понатамошен настап на меѓународна сцена после поразот вечерва и тоа убедливо од Монако со 1-4 и последно место во групата Х во Лига Европа.
Турски Трабзон, за кој последните 20 минути ги одигра македонскиот репрезентативец Енис Барди минимално победи со 1-0 против Ференцварош, но тоа не им помогна многу за да останат во Лига Европа, зашто Монако го завери пласманот во второто по ранг натпреварување со триумфот против белградските црвено-бели, па турскиот првак продолжува во најслабата Конференциска лига на пролет.
Кевин Воланд со два гола по две големи грешки на Ц. Звезда донесе водство до средина од првиот дел (8. и 23. минута), а потоа Родиќ во 50-та си даде автогол. Гелјор Канга од пенал во 54-та погоди за Ц. Звезда, па ВАР во 68-та ѝ поништи гол, за Воланд со хет-трик да стави печат на триумфот на три минути до крајот.
Во лудата група Ф, верувале или не, сите екипи завршија со по осум освоени бода. Мидтјиланд дома го победи Штурм (2-0), исто беше и со Феенорд над Лацио (1-0). По овие резултати се формира круг меѓу екипите и одлучи гол-разликата. Феенорд и Митјиланд се среќниците кои одат во нокаут-рундата на ЛЕ, додека Лацио патува во Конференциската лига како трет.
Манчестер Јунајтед го доби гостувањето во Шпанија против Реал Сосиедад со 0-1, но „црвените ѓаволи“ ќе мораат да разигруваат во 1/16 со оглед на тоа што имаат полоша гол разлика во однос на шпанскиот состав, а меѓусебните натпревари завршија со по еден постигнат гол.