Епскиот научно-фантастичен филм „Аватар“ во режија на Џејмс Камерон („Титаник“, „Терминатор“) го доби своето продолжение по 13 години, а трејлерот за филмот веќе еден ден е достапен на Јутјуб и е прегледан над 22 милиони пати.
Филмот треба да почне да се прикажува во киносалите низ светот на 16 декември. Трејлерот ни дава свеж поглед на светот на режисерот Џејмс Камерон. Филмот е продолжение на „Аватар“, кој излезе во 2009 година.
Многу сцени во новиот филм се снимени под вода со помош на нови камери кои биле развиени за таа цел.
На централните ликови на „Аватар“, Џејк Сали (Сем Вортингтон) и неговата избраничка Нејтири (Зои Салдана) во новата авантура ќе им се придружат нови ликови, вклучувајќи го и ликот Ронал, кому живот ќе му вдахне оскаровката Кејт Винслет, која многумина најмногу ја паметат токму по нејзината претходна соработка со Џејмс Камерон. Освен австралискиот актер Сем Вортингтон и американската актерка Зои Салдана, дел од новиот проект се и Сигурни Вивер, Стивен Ланг и Џовани Рибиси.
Минатиот петок, The Hollywood Reporter објави дека долгоочекуваното продолжение ќе трае околу три часа и 10 минути, цитирајќи неименувани извори.
Според овој портал, „Avatar: The Way of Water“ ќе трае околу 29 минути подолго од оригиналниот филм „Аватар“ на сценаристот и режисер Камерон (68) од 2009 година, кој сè уште е четврти филм со најголема заработка во историјата на Американски бокс офис, a траеше два часа и 41 минута, пишува BoxOfficeMojo.