Магазинот за луксузни патувања Condé Nast Traveler објави листа на најдобри дестинации за свадбена прослава во светски рамки.
По ублажувањето на мерките за спречување ширење на пандемијата, свадбите зачестија. Во светот постојат многу идеални места за венчавка, од магични имоти и убаво украсени романтични објекти до хотели со големи подиуми за танцување.
Некои двојки сакаат голема традиционална венчавка, други сакаат интимна прослава, а има и парови што сакаат да отпатуваат со своите најблиски и да направат прослава на одредена дестинација.
Листата на Condé Nast Traveler вклучува разни земји во светот што нудат нешто посебно, нешто за кое вреди да се спакува куферот и да се отпатува. Во нивната збирка омилени локации за свадби е и хрватскиот град Сплит.
„Хрватска бргу станува една од најпопуларните дестинации за свадби благодарение на нејзината близина до ОК, прекрасното крајбрежје и историските области со стари камени центри во боја на мед, како и енергичната култура. И додека можете да најдете магични места за свадбени прослави расфрлани на островите, Сплит се издигнува над парапетот како една од најистакнатите свадбени дестинации на овие простори и лесно е да се види зошто“, се наведува во објаснувањето зошто Сплит е идеална дестинација за свадба.
„Живиот крајбрежен град, кој се протега со километри по должината на источниот брег на Јадранското Море, веќе долго време привлекува посетители благодарение на неговите глобално познати настани, но оние што сакаат да се венчаат во Сплит го бараат вкусот на неговата извонредна особеност, како и архитектура што се врзува за традицијата“.
Меѓу локациите во Сплит и неговата околина од магазинот ја истакнуваат терасата на галеријата „Мештровиќ“, која нуди поглед на морето и островите Шолта, Брач, Хвар и Вис.
„Многуте цркви се вклопуваат во околниот пејзаж, а постсвадбената вечера се одржува на маси распоредени на совршено негувани тревници. Исто така, ќе најдете многу хотели во градот идеални за помали прослави“, пишуваат авторите на статијата.
Според нив, најдобар период за свадба во Сплит се мај и јуни, како и септември и октомври, кога нема многу метеж и туристи.
Меѓу другите дестинации во светот, магазинот ги истакнува езерото Комо во Италија, Санторини во Грција, шкотските висорамнини, Ибица во Шпанија, Кејп Вајнлендс во Јужна Африка, Прованса во Франција, Маракеш и планините Атлас во Мароко, Бали и езерото Блед во Словенија.