Шпанскиот тенисер Рафаел Надал ги сподели своите очекувања за финалниот АТП турнир.
– Ако се чувствувам нормално, ќе настапам. Ќе стигнам малку порано од вообичаено, ќе вежбам. Ќе си дадам можност да уживам на завршниот АТП турнир. Никогаш не знаеш кога ќе ти биде последен турнир, особено на мои години. Па сега треба да уживам. И во наредните години, се разбира. Сега ми е тешко да замислам дека ќе дојдам до финалето во доволно добра форма за да освојам турнир што никогаш не сум го освоил. Таму од првиот ден треба да се борите со најдобрите, а за ова треба веднаш да фатите ритам, да се прилагодите на условите. Сè што треба да направам е да дојдам порано, да вежбам добро со момците, а потоа да дадам сè од себе на теренот. И се надевам дека нивото на играта ќе се појави и телото ќе издржи, рече Надал на прес-конференцијата по елиминацијата на Мастерсот во Париз.
Надал во второто коло на турнирот во Париз загуби од Американецот Томи Пол со 1:2, по сетови 6:3, 6:7 (4:7) и 1:6.
Завршниот АТП турнир ќе се одржи од 13 до 20 ноември во Торино, Италија. На турнирот покрај надал ќе играат и: Карлос Алкараз, Каспер Руд, Стефанос Циципас, Новак Ѓоковиќ, Данил Медведев, Феликс Оже-Алисим и Андреј Рублев.