Не е никаква тајна дека Златан Ибрахимовиќ не го сака Пеп Гвардиола уште од времето кога соработуваа во Барселона.
Златан му е лут на Гвардиола бидејќи не му ја довери улогата на главен напаѓач и го пресели на клупата за резервни играчи, па поради тоа актуелниот играч на Милан ја користи секоја можност да го нападне Шпанецот.
Ибрахимовиќ се плаши дека егото на Гвардиола може да биде штетно за Ерлинг Халанд. Норвежанецот има фантастичен старт на сезоната под водство на Гвардиола, на 11 натпревари во Премиер лигата даде дури 17 гола за Манчестер сити.
„Може ли Гвардиола да го направи Халанд уште подобар? Сè зависи од тоа колку е големо егото на Пеп, односно дали ќе дозволи Халанд да биде поголем од него или не? Мене не ми дозволи, а не им дозволи ниту на другите играчи. Навистина ми се допаѓа Халанд како игра. Мислам дека е многу интелигентен и не прави работи за кои не е способен. Тој не доаѓа на центар за да ја прими топката, туку едноставно стои кај противничкиот гол и ги тресе мрежите. Ме потсетува на Филипо Инзаги, Давид Трезеге, Кристијан Виери. Халанд е нивната нова верзија“, изјави Ибрахимовиќ.