Искусниот одбрнбен фудбалер на шпанската Барселона, Жерард Пике во неочекуван тајминг објави крај на својата играчка кариера. Пике кој во последно време има се помала минутажа во тимот од „Камп Ноу“ најави дека претстојниот викенд против Алмерија ќе го одигра последниот меч во својата играчка кариера.
Оваа одлука на стоперот ја изненади целокупната шпанската спортска јавност, неговите поранешни колеги, но и актуелните соиграчи кои не знаеле за потегот кој планира да го повлече се до денот на објавувањето на веста.
Дури и Барселона како институција не очекувала ваква разврска на ситуацијата со дефанзивецот кој испиша историја, но сите во клубот се импресионирани од потегот на Жерард кој решил да се откаже од сите пари кои му ги должи Барселона и кои требаше да му ги исплати до крајот на договорот кој важеше до 2024-та година.
Пике се откажал од 50 милиони евра и со тоа ја покажува својата љубов кон клубот, но и сфаќање на сериозната финансиска ситуација, а токму за тоа говореше и Жоан Лапорта во своето прво обраќање по веста која ја сподели 35-годишниот стопер.
– Пике секогаш ќе биде составен дел од грбот на Барселна, секогаш ќе биде пример бидејќи покажа дека навистина ја сака Барса. Договорот за раскин допрва треба да се конкретизира, но има неверојатна предиспозиција од негова страна да му помогне на клубот. Играчот ја сфаќа тешката финансиска ситуација и сака да ни помогне – изјави Лапорта.