Бањаја е нов светски шампион во Мото ГП и прв Италијанец по 50 години кој станал првак со италијански мотоцикл

Возачот на Дукати, Франческо Бањаја е светски шампион во Мото ГП за 2022 година! Тој е вториот шампион на Дукати по Кејси Стонер (2007) и првиот Италијанец на италијански мотоцикл кој станал шампион после 50 години.

Возачот на Дукати стана првиот Италијанец по Валентино Роси кој славел во најсилната мотоциклистичка класа, односно донесе славје за „аѕурите“ по пауза од 13 години. Роси својата последна Мото ГП титула ја освои во 2009-та година, па 13 сезони подоцна, негов наследник е Бањаја кој пак стана прв шампион со Дукати по Кејси Стонер од 2007-ма година.

Бањаја имаше неверојатна сезона. Стана првиот возач на Дукати со четири последователни победи, а вториот дел од сезоната му беше совршен – ја освои титулата откако надокнади 91 бод, а денеска стана нов шампион во „кралската класа“ во Валенсија .

Што се однесува до денешната последна трка во сезоната, Пеко се одлучи за стратегија без никаков ризик и возеше максимално претпазливо, па иако на стартот изби на четвртото место, во продолжение ги пропушташе ривалите и на крајот заврши деветти, што во секој случај беше доволно за шампионска титула.

На Пеко му одговараше и 14-то место доколку до победа дојде Фабио Квартараро, но возачот на Јамаха немаше сили за таков подвиг, па мораше да се задоволи само со четвртото место и вицешампионски статус оваа сезона.

Французинот во ниту еден момент денеска не можеше да се бори со Мартин, Биндер и Алекс Ринс, а победата на Шпанецот значеше дека Сузуки добива најдобро испраќање од Мото ГП, бидејќи легендарниот јапонски бренд најави повлекување од „кралската класа“.

Сепак, вест на денот е шампионската титула која ја освои Бањаја, а првата честитка ја доби од Валентино Роси кој беше присутен денеска во Валенсија.

Треба да знаете
Последни објави