Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас на најдобар можен начин блесна веднаш кога ја доби можноста од Спалети да стартува за Наполи во дербито на италијанскиот шампионат на гостувањето против Аталанта во Бергамо.
Наполи триумфираше со 1-2 во Бергамо зацврстувајќи се сигурно на првото место на патот кон Скудетото, а сето тоа благодарение само на Елмас кој го донесе победоносниот погодок за „наполитанците“.
Дел од италијанските фудбалски аналитичари со сомнеж ја дочекаа одлуката на Спалети да стартува со Елмас во дербито, но сето тоа се покажа повеќе од исправно, на задоволство и на македонскиот репрезентативец кој заедно со Осимхен е и најдобро оценет фудбалер на дербито.
-Јас секако секогаш сум подготвен да стартувам на натпреварите, иако бев и помалку изненаден кога на неколку часа пред мечот дознав дека почнувам. Но, јас за Наполи секогаш сум подготвен. Ова беше тежок период за мене и среќен сум што сега на овој начин му се оддолжив на тимот. Му благодарам и на тренерот на довербата, среќни сме со освоените три бода, и се надеваме дека така ќе продолжиме со победи, пред се за нашите навивачи, изјави Елмас по мечот.
Македонскиот „дијамант“ се осврна и на односот со Кварацкелија кој, поради повреда, не можеше да настапи на дуелот. Но, и за шегата со клупата…
„Кварацкелија е навистина одличен човек, тој е една година помлад од мене и се трудев да му помогнам кога пристигна тука од секаков аспект, Му оди многу добро. А, приказната со клупата? Тоа беше само шега, јас не сум некој што создава контроверзни моменти. Никогаш и не сум имал проблем поради минутажата. Понекогаш играм лошо, но секогаш останувам скромен. Никогаш не се расправам, секогаш сум среќен кога мојот тим победува. Овие три бода ни беа важни, но првенството е уште долго и треба да продолжиме во исто темпо, истакна Елмас.
Osimhen Assist, Elmas GOL! Napoli ahead pic.twitter.com/Evfm6vuIuW
— Follow @footitalia1 (@footitalia2) November 5, 2022
Тренерот Спалети по напреварот се осврна и на настапот на момчето од скопски Чаир.
-Елмас беше казнет на стартот на сезоната, играше многу малку со оглед на тоа колку покажуваше и се залагаше на тренинзите. Сега беше исклучително добар и ни донесе квалитет, на што му честитам. Многу ми е мило што покажавме дека можеме да победиме и без Кварацхелија. Никому не му се допаѓа кога некој вели дека не можеме да победиме без него. Не се стигнува никаде во фудбалот ако немате 20 или 22 играчи кои можат да одговорат во секој момент. Најважна е групата и треба добро да се изменаџира сето тоа, изјави Спалети.
Наполи е убедливо прв на табелата во Серија А со 35 бодови, шест повеќе од Милан, а доминантно ја мина и првата фаза од Лигата на шампионите.