Во Нион со ждрепка беа одредени двојките за плеј-оф рунда во Лига Европа, каде се најдоа второпласираните тимови од групната фаза во второто по ранг европско натпреварување, како и екипите кои го освија третото место во групната фаза од Лигата на шампионите.
Најатрактивна двојка за ова плеј-оф коло е пресметката меѓу Барселона и Манчестер јунајтед. Каталонците кои не успеаја да ја минат групата фаза во ЛШ за противник го добија според многумина еден од главните фаворити за освојување на Лига Европа, англискиот премиерлигаш Манчестер јунајтед.
Јувентус против француски Нант ќе бара осминафинале, додека најтрофејниот тим во ова натпреварување, Севиља за противник го доби ПСВ. Рома на Жозе Мурињо во битка за осминафиналето ќе мора да го помине австриски Салцбург.
Двојки за плеј-оф рундата:
Барселона – Манчестер јунајтед
Јувентус – Нант
Спортинг – Мидтјиланд
Шахтјор – Рен
Ајакс – Унион Берлин
Баер Леверкузен – Монако
Севиља – ПСВ
Рома – Салцбург
Термините за одигрување на овие натпревари се 16 и 23 февруари, по што на 24 февруари ќе биде и ждрепката за одредување на осминафиналните дуели.