Македонската женска ракометна репрезентација го запиша и вториот пораз на Европскиот шампионат. Подобри од избраничките на Љубомир Савевски беа поранешните светски шампионки, ракометарките на Холандија, кои попладнево во СЦ „Борис Трајковски“ славеа со 15-30 (9-17).
Савевски менуваше и за разлика од тимот кој загуби со Франција се одлучи за Коловска, Чурлиновска и Гугуљанова. Сепак, почетокот беше нервозен, правевме ефтини пробивања и технички и грешки и Холандија преку Смитс поведе со 0-2. Дабевска го постигна нашиот прв погодок од позиција на кружен напаѓач во четвртата минута. Брзо порасна холандското водство и Савевски повика тајм-аут при 1-6 во осмата минута.
Дулфер собра неколку важни одбрани, но Кипријановска и Ристевска ја совладаа за 3-6 во 11. минута. Ингер Смитс ја полнеше нашата мрежа и на половина од првиот дел веќе беше +7 за „лалињата“. Јанкуловска и Ристевска возвратија со три гола по исклучувањето на Деби Бонт за 7-12 во 22. минута. Холанѓанките поретко грешеа, па во хаотичен финиш на првиот дел, Македонија на одмор замина со 9-17.
Јована Мицевска го почна вториот дел со неколку одбрани, а Кипријановска и Џатевска намалија на 11-18. Грешки зачестија, па во централниот дел на полувремето немаше многу голови на двете страни. Во 49. минута, по голот на Ван дер Хајден, холандската предност достигна највисоки +9.
Следеше пад на темпото, победникот беше решен и Холандија со неколку лесни гола во последните минути, комотно го приведе натпреварот кон крај за финални 15-30. Нашата селекција постигна само еден гол во последните десетина минута, кога Савевски им даде шанса на најмладите ракометарки. Најефикасна во македонскиот табор беше Сара Ристовска со три гола, додека кај победничката холандска селекција се извои Смитс со седум погодоци. Вечерва со натпреварот Романија – Франција се затвора второто коло од групата Ц во Скопје.
За најдобар играч на натпреварот беше избрана Сара Ристовска.
Фото: Слободан Ѓуриќ