Данските ракометарки триумфираа во скандинавското дерби против Шведска со 25-23, додека убедлива победа вечерва запиша и Норвешка во дуелот против Унгарија со 32-22 на Европското првенство (ЕП) за жени.
Данска тргна фуриозно кон голот на противничките, па поведе со 6-1 на почетокот и предноста ја одржа до крајот на првиот дел, при што Швеѓанките постигнаа само пет гола (13-5). Во второто полувреме следеше израмнета борба од ракометарките, но од 52. минута почна да се „топи“ предноста на репрезентативките на Данска, па на крајот изнесуваше 23-25.
Од групата Б во следната фаза патуваат Шведска, Данска и Словенија, додека Србија си оди дома.
Норвешка со три убедливи победи ја заврши првата фаза од турнирот, а последна жртва им беше Унгарија која ја уништи со 32-22 за да го обезбеди првото место во групата А. Во следната фаза се пласираа и Хрватска и Унгарија, додека Швајцарија е елиминирана.