Престижниот француски „Л’Екип“ пред неколку часа објави ексклузива дека Садио Мане нема да може да настапи на претстојното Светско првенство поради повреда на тетивата здобиена на вчерашниот првенствен натпревар против Вердер Бремен. Сепак, по официјалното соопштение на луѓето од Баерн, трошка надеж се разбуди кај разорените Сенегалци.
Имено, клубот од Минхен го соопшти следново: „Садио Мане заработи повреда на фибулата (една од двете коски на потколеницата) при победата од 6:1 над Вердер Бремен. Тој нема да биде во протоколот за натпреварот против Шалке викендов. Дополнителни тестови ќе бидат направени во наредните денови и Баерн е во контакт со медицинскиот персонал на Фудбалскиот сојуз на Сенегал.
Поради тоа, минхенскиот гигант не потврди дека првата ѕвезда на Сенегал нема стопроцентно да патува во Катар, туку ја остави вратата отворена. Можеби прогнозите не се идеални, но надежта умира последна.
Неиграњето на Мане, инаку најдобриот стрелец во историјата на Сенегал (35 гола) би претставувал непоправлива загуба за Лавовите од Теранга. Да, победникот на Африканскиот куп на нации има многу моќен тим, со Калиду Кулибали, Бало-Туре, Абду Диало, Идриса Гај, Нампалис Менди, Николас Џексон, Едуар Менди, Сабали, Сумаре,
но без Мане, тој губи капитен, лидер, играч подготвен да го собере тимот во најтешките моменти.
Без човекот кој заврши како вицешампион на овогодинешната Златна топка, шансите на Сенегал да ја помине групата во која се Холандија, Еквадор и Катар значително се намалуваат.