Холивудскиот актер Џеф Бриџис во интервју за „Индепендент“ првпат зборуваше за борбата со ракот и предизвиците со кои се соочил поради болеста во изминатите години. Тој раскажа дека ракот влијаел на неговата моторика и не можел да се движи. Затоа, со терапевт повторно учел да оди, бидејќи сакал да ја испрати ќерка му до олтарот на нејзината свадба.
„Кога ќерка ми Хејли Роузлуиз ми кажа дека ќе се мажа, првата цел ми беше да застанам на нозе. На почетокот можев да стојам околу 45 секунди. Затоа почнав да вежбам со терапевт, прво да стојам, а потоа и да одам. Секој пат правев по неколку чекори повеќе од претходниот. Морав да го контролирам дишењето зашто користев дополнителен кислород. Се чувствував како дете кое сега учи да оди“, рекол 72-годишниот глумец.
Бриџис откри дека не само што ја одвел ќерка си до олтарот, туку и играл еден танц со неа, а имал доволно здив и да одржи говор за младенците.
На Бриџис во октомври 2020 година му беше дијагностициран рак на лимфните жлезди, па потоа во јануари следната година се зарази со Ковид, по што му се искомплицира здравствената состојба. Тој помина пет месеци во болница. Откако оздраве, призна дека за малку ќе умрел и дека лошо ја поминал короната. Потоа, на средината на 2021 година Оскаровецот кажа дека ракот е во ремисија.