Фудбалерите на Јувентус продолжуваат да газат во Серија А, откако вечерва лесно и убедливо го совладаа Лацио (3-0) за шеста победа по ред во италијанскиот шампионат – сите без примен гол.
Моис Кин со два гола беше творец на триумфот, од кои првиот го постигна пред крајот на првото полувреме, а вториот десетина минути по стартот на второто. Тоа им овозможи на „бјанконерите“ да одиграат мирно, без притисок, па пред самиот крај Милик со погодок го потврди убедливиот триумф.
Јувентус со овој триумф ги прескокна римјаните на табелата и сега е третопласиран со 31 бод, два помалку од вториот на табелата Милан, а десет во однос на лидерот Наполи.
„Бјанконерите“ долго време беа мета на критики од домашната јавност и навивачите. Нивната игра беше далеку под очекувањата, а резултатите катастрофални. Долго време се шпекулираше за отказно решение за тренерот Алегри, но раководството на клубот веруваше својот стратег и неговата филозофија и се чини дека не погреши. Јуве есенската сезона во Серија А ја заврши со шест победи во низа, кои донесоа голем скок на табелата и што е најважно задоволство и насмевки кај фановите.