Откако во неделата спогодбено ја прекина соработката со досегашниот тренер Владимир Јовановиќ, српскиот кошаркарски првак Црвена ѕвезда денеска го претстави Душко Ивановиќ за нов шеф на стручниот штаб.
По својата богата кошаркарска кариера во која најголемите успеси како играч ги постигна во дресот на сплитска Југопластика, со која освои две европски титули, 65-годишниот црногорски стратег почна и многу успешен тренерски пат.
Во досегашната тренерска кариера Ивановиќ седеше на клупите на Лимож, Барселона, Панатинаикос, Басконија, Химки и Бешикташ, а работејќи во Швајцарија, Франција, Грција и Шпанија освои 17 трофеи.
Во Црвена ѕвезда доаѓа по двегодишен ангажман во Басконија.