Позната една од причините за желбата на Килијан Мбапе да го напушти Пари Сен-Жермен. Во октомври „Марка” откри дека Французинот изразил желба да го смени клубот во зимскиот преоден рок.
Според „L’Équipe”, меѓу другото, задоцнетите плати во ПСЖ влијаеле на ова. На почетокот на октомври, напаѓачот забележал дека септемвриската плата не е впишана на неговата банкарска сметка. Дваесет и тригодишникот бил изненаден од ова, а до 11 октомври, кога првпат се појавиле вести за неговата желба да замине, сè уште немало исплата. По еден или два дена Мбапе ја доби платата, но не во целост.
Застапниците на фудбалерот побараа од ПСЖ да ја разјасни ситуацијата, но не беа задоволни од ниту едно објаснување кое им беше дадено. Зборуваа за проблеми со банкарските сметки или за тешкотиите со финансискиот фер-плеј. Оттогаш, проблемот со платите е решен.
Прес-службата на ПСЖ соопшти дека на напаѓачот му се исплатени сите плати и бонуси кои му доцнеа до денес, истакнувајќи дека „понекогаш има доцнења поради начините на плаќање, како и кај сите клубови”.
Платата на Мбапе во парискиот клуб е 70 милиони евра годишно пред оданочување.