Репрезентацијата на Франција во рамки од 2. коло од главната фаза на Европското првенство славеше против Германија, со резултат 29:21 и така им го визираше пласманот на Црногорките во полуфиналето на ЕП, откако претходно славеа минимално против Романија.
Франција заедно со Црна Гора од групата Д патуваат во полуфиналето на Европското првенство. Иако Германија се надеваше на сензација против ,,триколорките”, сепак, Дарле и колешките не дозволија да има никакво изненадување.
Ракометарките на Германија до 15 минута од дуелот беа рамноправен противник и по нерешените 6:6 актуелниот олимписки првак со серија од 3:0 се одлепи на 9:6 и до крајот на првото полувреме беше во резултатска предност.
Германија влезе во уште поголема криза, се почесто правеше грешки во нападите и на француската репрезентација и овозможи во два наврати да има предност од пет гола разлика (12:7,13:8), додека на полувреме избраничките на Оливие Крумболц заминаа со активен резултат од 13:9.
На почетокот на вториот дел Германија се обиде да намали дел од водството на Франција, се доближи на 14:12, но тоа беше последниот отпор од бундес тимот, кој во поголемиот дел од вторите 30 минути заостануваше на три до четири гола разлика. Франција не се трошеше многу, го одигра рутински последниот период од дуелот и се израдува на втората победа во главната фаза на ЕП.
Во последното коло од групната фаза, селекцијата на Франција ќе игра против Шпанија, додека Германија ќе се соочи со Романија.
Најефикасни во француската репрезентација беа Хорачек, Заади и Коантанеа, кои постигнаа по три погодоци. Во Германија листата на стрелци беше предводена од Алина Гријселс, која имаше седум реализации.