Напаѓачот на Манчестер јунајтед, Кристијано Роналдо, и неговиот менаџер Хорхе Мендеш далеку од очите на јавноста се сретнале минатата недела со претставници на Баерн Минхен за да договорат трансфер на португалскиот фудбалер во редовите на бундеслигашот, јавија денеска британските медиуми.
Весникот „Дејли мејл” објави дека Роналдо сака да замине од Јунјатед во јануарскиот преоден рок, а и клупското раководство сака што поскоро Португалецот да замине од „Олд Трафорд”.
Според истиот извор, Роналдо сака да ја продолжи кариерата во клуб кој настапува во Лигата на шампиони.
Британските медиуми вчера објавија дека на Роналдо му се заканува казна од еден милион фунти од клупското раководство поради контроверзно интервју во кое изнесе бројни навреди кон Манчестер јунајтед, како и непочитување кон тренерот Ерик тен Хаг.