Фото: Слободан Ѓуриќ
Ракометарките на Црна Гора триумфираа вториот натпревар од главната фаза на Европското првенство и се пласираа во полуфиналето. Иако загубија од Франција во првото коло, Црногорките ја добија драмата со Романија со 34-35 (18-18) и понудија вистинска фешта за фановите на трибините во СЦ „Борис Трајковски“.
Сега останува Франција вечерва да не загуби од Германија и официјално црногорските ракометарки да бидат меѓу најдобрите четири репрезентации во Европа.
Се играше крајно неизвесен дуел во Скопје, ниту една екипа не успеа убедливо да води и тоа се развлече до самиот крај. Црна Гора беше селекција која почесто беше во предност. На стартот имаа +3, пред Романките да се вратат до егал и да дојдат до прво водство. На пауза се замина со нерешени 18-18.
Во второто полувреме се влезе со предност на избраничките на Пера, меѓутоа тоа кратко траеше. Се играа десетина минути егал, пред Црна Гора да ја презеде контролата во финишот. Во клучни моменти избраничките на Бојана Поповиќ ги реализираа тешките напади, направија исчекор кон победата и иако за малку не испуштија три гола во финишот, се радуваа на крајот пред одлично пополнетите трибини.
Кристина Неагу беше незапирлива одново, постигна девет погодоци за Романките, но бадијала. Кај Црна Гора се истакна Јованка Радичевиќ која шутираше пенали без грешка и заврши со осум гола, колку што даде и „моторот“ на тимот Итана Грбиќ.