Како се штеди во Европа: Сите се тушираат пократко, а Германиците и Австријците во џемпери и дебели чорапи

Жителитена ЕУ, веќе се тушираат со поладна вода, во канцелариите се намалуваат термостатите, а продавниците ги пригушуваат светлата за да се избегне ситуација во која домовите би биле темни и ладни оваа зима поради последиците од руската војна во Украина.

Европскиот план за намалување на потрошувачката на гас предвидува на доброволна основа сите потрошувачи, домаќинствата, јавната администрација, сопствениците на јавни згради, производителите на енергија и индустријата да преземат мерки за намалување на потрошувачката со цел да се обезбеди снабдување во услови кога Русија нема да гарантира доволно снабдување на гас за европскиот пазар.

Како одговор на тешкотиите и нарушувањата на глобалниот енергетски пазар предизвикани од руската инвазија на Украина, Европската комисија го претстави планот REPowerEU, кој исто така ја нагласува енергетската ефикасност, производството на чиста енергија и диверзификацијата на снабдувањето со енергија.

Додека некои земји како Германија, каде речиси половина од домовите се потпираат на гас за греење, се поизложени од другите, Европската унија се обидува да се воздржи. Земјите-членки на блокот имаат за цел да ја намалат употребата на гас за 15 отсто оваа зима, ако Русија, која историски покрива околу 40 отсто од побарувачката во ЕУ, ги затвори вентилите.

Дебели чорапи и џемпери

Во интервју за германски Шпигел, германскиот вицеканцелар и министер за економија и заштита на животната средина Роберт Хабек неодамна им порача на граѓаните дека „носењето дебели чорапи и топли џемпери во зима е секогаш добра идеја“.

– Со намалувањето на температурата на греењето за само еден степен во текот на зимата се заштедуваат уште 6 отсто. Со 41 милион домаќинства, овој мал чекор е исклучително значаен. Видовме колку луѓето можат да покажат солидарност. Ми кажаа дека на една улица станарите ја запалиле секоја друга улична светилка. Таму живеат постари луѓе кои имаат поголема потреба од безбедност, но сепак рекоа: не ни треба – рече Хабек.

Тој ги повика граѓаните да придонесат во кампањата за заштеда на енергија со намалување на времето поминато под туш кабина, што, како што наведе, по совет на неговото Министерство и самиот го направил.

– Предлагаме начини да заштедите енергија под туширање, но не мора да бидете совршени. Понекогаш на децата им треба убав долг туш или базен полн со топла вода. Мојата порака е: оставете ги вашите деца да се забавуваат. Не мора постојано да бидеме казнети. Но, не можеме ни да се однесуваме како сè да е во ред – посочил министерот.

Во друго интервју и лидерот на германските Зелени, исто така, ги советуваше граѓаните што повеќе да избегнуваат возење автомобили и секогаш кога е можно да користат воз или велосипед како превозно средство, бидејќи покрај „полесно бегство од руските енергетски залихи, помага и за заштита на климата“.

Германија одобри серија мерки за намалување на потрошувачката на гас за една петтина, а националните мерки, се во прилог на чекорите што ги преземаат покраините, како што е исклучувањето на топлата вода во јавните базени, имаат за цел да ја намалат употребата на гас за околу два отсто и вклучуваат: забрана за загревање на приватните базени, веќе не се загреваат некои простори во јавните згради, намалување на минималната температура во канцелариите на 19 Целзиусови степени, забрана за најголем дел од надворешното осветлување на зградите и спомениците и зголемување на енергетската ефикасност во јавните и приватните згради.

И Австријците ќе носат дебели чорапи

И Австријците зимава ќе мораaт да штедат. Целта на „Мисијата 11“ е промена во однесувањето со цел државата да заштеди во просек 11 отсто енергија. Овој процент на заштеда се очекува од секое австриско домаќинство. Греењето треба да се намали најмалку два степени. Така, наместо греење, дебели чорапи, пишуваат медиумите.

Владината кампања препорачува Австријците повеќе да не се капат во кади и да се тушираат со поладна вода, односно ако водата е топла, тогаш значително пократко од порано затоа што една минута пократко туширање, како што се додава, наводно носи заштеда на енергија од 20 проценти.

Леонора Гевеслер, австриската министерка за енергетика, животна средина и мобилност, во рамки на кампањата за заштеда на енергија им се обрати на граѓаните и апелираше да се намали брзината со која возат по автопат за да се намали потрошувачката на гориво, како и да се стават капаци на тенџерињата за време на готвењето, а наесен да ја намалат температурата на греењето за степен, два.

Франција и Италија ги намалуваат термостатите

Франција постави цел за намалување на потрошувачката на енергија за 10 отсто до 2024 година во споредба со нивото од 2019 година. Неговата администрација минатиот месец воспостави серија работни групи фокусирани на владините операции, недвижниот имот, технологијата и телекомуникациите, како и трговските центри и други јавни места. Француските синџири на супермаркети ќе треба да ги исклучат светлечките табли на продавниците по затворањето, а малопродажните простори ќе го намалат осветлувањето за 30 отсто и ќе ги намалат температурите до 17 Целзиусови степени за време на најголемата фреквентност, доколку има владини упатства за тоа.

Како пример, Министерството за финансии на земјата посочи дека ќе го вклучува греењето само кога температурите во канцелариите ќе паднат под 19 Целзиусови степени и нема да се ладат освен ако температурата не се искачи над 26 степени.

Според италијанските медиуми, државниот план за штедење може вклучува: намалување на температурите и скратување на часовите за греење во домовите и канцелариите во текот на зимата, за да се намали потрошувачката на гас за греење за повеќе од 10 проценти, намалување на јавното и осветлувањето на маркетите во текот на ноќта, продолжување на животниот век на постројките на јаглен со цел да се намали употребата на гас за производство на електрична енергија. Затворање на фабрики може да е дел од планот, а неколку енергетски интензивни индустрии веќе ги намалуваат операциите поради зголемените трошоци.

 

Шпанија и Швајцарија го намалија греењето на 19 Целзиусови степени

Во редок потег законски да се наложи пониска потрошувачка, шпанските пратеници ги усвоија правилата што беа воведени со декрет на почетокот на август. Чекорите вклучуваат: ограничување на климатизацијата на 27 Целзиусови степени во јавните згради и повеќето бизниси, како и аеродромите и железничките станици, поставување на греењето на не повеќе од 19 Целзиусови степени во зима, со исклучоци за хотелски соби, кујни во ресторани, фризерски салони, вежбалници, училишта и болници, забрана за ноќно осветлување на споменици и излози, со барање вратите на продавниците да се затвораат секогаш кога се вклучени системите за греење или ладење.

Во согласност со целта на ЕУ, Швајцарија побара, но не  ги принуди домаќинствата и деловните субјекти да ја намалат потрошувачката на гас за 15 отсто од октомври до март, со преземање чекори како што се намалување на температурите за греење во затворените простории. Владата ја поставува истата цел за сопствената администрација за да даде „добар пример“.Ако доброволниот пристап не успее, Владата ќе се консултира за присилни мерки, вклучително и принудување на индустриските постројки на гас да се префрлат на нафта и да се намали снабдувањето на јавниот сектор. Засега, Швајцарија вели дека приватните домаќинства ќе бидат ослободени од какво било задолжително рационирање.

Штедат и Грција и Хрватска

Владата на премиерот Киријакос Мицотакис најави мерки за намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор за 10 отсто во блиска иднина и за 30 отсто до крајот на деценијата. Властите ќе понудат финансиски стимулации на организациите кои штедат енергија, а ќе создадат и дигитален систем за следење на потрошувачката. Мерките вклучуваат: регулирање на температурата во зградите, исклучување на светилките и компјутерите, промени во уличното осветлување.

Хрватска ги усвои насоките за штедење на енергенси кои се договорени на ниво на Европска Унија за намалување на потрошувачката на гас и за пребродување на претстојната зима за која се прогнозира дека ќе биде една од најтешките во Европа. Мерките на сила стапија на 1 август и ќе траат до крајот на март 2023 година.

Според одлуката на Владата на Хрватска, граѓаните, домаќинствата, компаниите, институциите ќе треба да се придржуваат кон планот за штедење гас на европско ниво. Тоа значи дека ладењето на просториите не смее да биде под 25 степени, додека пак загревањето во текот на зимата до 21 степен според Целзиус.

Министерот за економија и одржлив развој Давор Филиповиќ рече дека насоките за заштеда на енергија се засноваат на пакетот документи на Европската комисија од 20 јули 2022 година за заштеда на гас. Со планот „Заштеда на гас за безбедна зима“ се предвидува потрошувачката на гас да се намали на 15%.

Се препорачува штедење на електрична енергија со употреба на ЛЕД светилки, како и заштеда на гориво со почесто користење на јавен превоз.

На тој начин треба да се намали зависноста на европскиот блок од увозот на руски гас кој е ограничен поради санкциите кои ЕУ и ги наметна на Русија поради воената инвазија над Украина. Во меѓувреме се прават напори потребите на европската потрошувачка на гас да се покријат од други извори.

Извор: Цивил Медиа 

Треба да знаете
Последни објави