Навивачите на Партизан ја исполнија белградската „Штарк арена“ и дадоа огромен придонесе во победата на нивните миленици против Макаби Тел Авив од 96-88 (22:26, 27:24, 20:18, 27:20), во вечерашниот последен меч од кошаркарската Евролига.
Гробарите направија прекрасна атмосфера и кореографија, и беа ветерот во грб кој им беше потребен на играчите во црно-бели дресови. Партизан понесен од поддршката од трибините, одигра одлична последна четвртина откако заостануваше во претходните три и дојде до нова победа.
Најефикасни кај победниците беа Данте Ексум и Зек Ледеј, кои постигнаа по 21 поен, на другата страна најдобар беше Вејд Болдвин со 23 поени.
После осум кола, и Партизан и Макаби имаат по четири победи и четири порази, колку што имаат пет тима пласирани од седмо до 11-то место. Гордоста на Израел сега има три порази по ред, додека Партизан се извади за дебаклот против Олимпијакос во минатото коло.