Пирс Броснан на својот Инстаграм профил ја објави среќната вест дека станал дедо на момчето Џексон Илаја, родено пред пет дена.
Синот на ирскиот актер, Шон, и неговата сопруга Сања, по потекло од Хрватска, го добија своето второ дете, момче, и веќе се родители на ќерката Марли Меј Касандра (7).
„Џексон Илаја Броснан, роден во 15:06 часот на 12/11/2022… Благослов за тебе, мој најмил внук, добредојде. Честитки, драги мои Шон, Сања и Марли,“ напиша гордиот дедо (69) на Инстаграм.
Пирс стана дедо пред две децении, но сè уште е возбуден поради оваа улога. Тој сега живее на Хаваи со својата сопруга Кили Шеј Смит.
Пирс има одиграно многу улоги како актер, сепак, една од улогите во кои најмногу ужива е таа што му овозможува време со семејството.
Ѕвездата од „Џејмс Бонд“ беше еден од најбараните актери во Холивуд, па дури беше и крунисан за „Најсекси маж на светот“ неколку пати, но тој има очи само за една жена, Кили Шеј Смит – на разочарување на некои фанови.
Пирс е со неа откако се запознале во 1994 година на забава во Кабо Сан Лукас, една година пред да дебитира како Џејмс Бонд, улогата по која сега е познат. Од моментот кога ја видел Кили, Броснан не можел да престане да размислува за неа.
„Каде и да одев во светот, ми недостигаше и ѝ испраќав билети да дојде за да бидеме заедно. Се чинеше дека едноставно си одговараме,“ рече тој во една прилика.