Во битката за трофејот на АТП финалето во Торино (19 часот) ќе се сретнат најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ и Норвежанецот Каспер Руд.
Добивај вести на вибер
Против младиот Норвежанец, Ѓоковиќ ќе се обиде да ја освои шестата титула на завршниот турнир во сезоната и да се израмни со Роџер Федерер на врвот на вечната листа.
Ѓоковиќ со сите четири победи стигна до финалето, а вчера во полуфиналето по голема борба го совлада Американецот Тејлор Фриц со 7:6 (7:5), 7:6 (8:6).
„Морав да се борам за да преживеам. Не се чувствував многу удобно. По тешката битка против Медведев, знаев дека ќе ми треба време да се адаптирам, да најдам динамично движење против Фриц, еден од најдобрите сервери на турнирот. Морав да бидам многу трпелив. Вториот сет не го започнав добро, но успеав да го скршам. Мислам дека не одиграв многу добро, но доволно добро се држев“, изјави Ѓоковиќ.
Во групата, Руд загуби само од Рафаел Надал, во меч кој немаше никакво значење бидејќи претходно обезбеди полуфинале, а во финалето стигна со убедлива победа против Русинот Андреј Рубљов со 6:2, 6:4.
Норвешкиот и српскиот тенисер досега играа три пати и сите три меча ги доби Ѓоковиќ, без загубен сет, вклучувајќи го и дуелот во Торино минатата година.
Турнирот во Торино се игра за награден фонд од 14.750.000 долари.