Репрезентацијата на САД одигра 1-1 против Велс на стартот на Светското првенство (СП), иако во поголем дел од натпреварот имаше водство, кое не успеа да го зачува до последниот судиски свиреж поради Герет Бејл.
Првото полувреме не го одбележаа многу шанси, но единствената посериозна беше реализирана од Тимоти Веа, синот на легендарниот Жорж Веа, кој без проблеми го матираше голманот Хенеси за водство од 1-0 на САД.
Неговиот татко е фудбалска легенда, официјално најдобар африкански фудбалер на 20 век, добитник на Златната топка во 1995 година и единствениот Африканец кој ја освоил најпрестижната индивидуална награда во фудбалскиот свет. Но тој е еден од великаните кои никогаш не играл на Светско првенство со својата Либерија, каде е актуелен претседател. Неговиот син, пак, е роден и израснат во САД.
Велс за нијанса беше подобар противник во вторите 45 минути и имаше неколку одлични шанси, но чуварот на мрежата на САД беше сигурен сè до 82. минута кога Бејл од пенал успеа да му ја затресе мрежата. Исто така, треба да се напомене дека ова е прв гол за Велс на Мундијал по 64 години пауза.
САД и Велс имаат по еден бод во групата Б, каде што лидер е Англија која претходно со 6-2 го распарчи Иран.