Кристијано Роналдо се заколна во своите деца дека бил прифатил тој да не даде гол на Светското првенство, а Португалија да го освои Мундијалот.
Познато е дека Роналдо постојано е во лов на рекорди, сака да дава голови и да си ја збогатува личната статистика. Но, овојпат трофејот од Светското првенство му е многу подраг отколку личниот скор.
-Можеби изгледа суетно, но јас постојано велам дека не ги бркам рекордите, тие ме бркаат мене. Би било одлично ако го надминам рекордот на нашиот Еузебио, се разбира, но искрено тоа не е нешто што ме држи буден ноќе, ниту пак ќе престанам да јадам поради тоа. Ако ми кажат дека Португалија ќе го освои Светското првенство без јас да дадам гол, ќе потпишам веднаш, се колнам во своите деца, вели Роналдо.
Ѕвездата на Португалија верува во својата селекција, верува дека може да го остварат сонот.
-Кој ќе биде најдобар, ќе видиме на крајот. Верувам дека оваа генерација е многу добра, бидејќи е млада и обединета. Предизвикот е голем, но треба да веруваме. За да се качиме на врвот на светот треба да бидеме најдобри, а за да бидеме најдобри мора да веруваме дека сме најдобри и така ќе бидеме поблиску до победата. Сепак тоа треба да го докажеме на теренот, изјави Португалецот.