За неверување е дека Англија даде шест гола, а ниту еден на капитенот и лидерот на селекцијата Хери Кејн, првиот стрелец на „Гордиот Албион“, откако тинејџерите Џад Белингем и Букајо Сака со два гола го водеа англискиот тим до победата, еден додаде нешто постариот Маркус Рашфорд, а по уште еден дадоа и Рахим Стерлинг и Џек Грилиш. Кејн денеска запиша две асистенции.
Помалку од пола час Иран ѝ одолеваше на Англија, па после пречката на Хери Мегваер, Белингем ја отвори сметката со голот за водство во 35-та минута, со што стана вториот најмлад стрелец за Англија во историјата на Мундијалите, па продолжи со супер гол на Сака во 43-та, а до полувреме Стерлинг додаде трет за Англичаните за прашањето за победникот да биде затворено.
Во вториот дел, Сака во 62-та го даде својот втор гол, а потоа резервистите Маркус Рашфорд и Џек Грилиш се запишаа во листа на стрелците. Рашфорд во 71-та го даде петтиот гол за Англија, откако Мехди Тареми шест минути претходно даде гол за Иран, а во 90-та Грилиш стави печат на победата. Тареми со втор гол од пенал во 90+13-та минута само ја ублажи убедливата победа на Англичаните.
Мечот попладнево го одбележа дури 24 дополнителни минути за вкупно 116 севкупно, од кои 14 минути дополнување во првиот дел поради повредата и лекарската интервенција на иранскиот голман Беиранванд, а уште 12 неочекувани дополнителни минути во вториот дел кога беше сѐ јасно околу победникот, но имаше и ВАР за пенал во 90+13-та минута.