Репрезентацијата на Иран одби да ја пее химната на својата земја пред мечот со Англија на отворањето на Светското првенство во Катар и со тоа, се чини, ги поддржа протестите против Владата во татковината.
Некои од навивачите свиреа за време на интонирањето на националната химна, додека други ги држеа натписите „Жена, живот, слобода“. Селекторот на Иран, Карлос Кеирош изјави дека неговите играчи се слободни да протестираат.
По смртта на Мехса Амини во притвор, откако таа беше уапсена од државната полиција за морал во Техеран за наводно кршење на исламскиот кодекс на облекување, започнаа протести кои се проширија низ Иран. Активистите за човекови права тврдат дека во меѓувреме за време на протестите биле убиени 400 луѓе, а уште 16.800 биле уапсени. Иранските власти тврдат дека споменатите протести се всушност бунт што го започнале странските непријатели на државата.
Иранските навивачи за време на натпреварот скандираа „Али Карими“, што се однесува на поранешниот фудбалер кој е еден од најгласните критичари на Исламската Република и едно од најпопуларните лица на протестното движење. Се слушаа и извици „Бе-Шараф“, што на персиски значи нечесен.
Капитенот на Иран, Ехсан Хајсафи, пред самиот натпревар изјави дека неговите соиграчи и тој ќе ги поддржат оние што ги загубија животите. Кеирош истакна дека на неговите играчи им е дозволено да протестираат за правата на жените во нивната земја се додека тоа е во согласност со прописите на Светското првенство и во духот на играта.
Во првиот натпревар на Мундијалот Иранците беа поразени од Англичаните со 6:2, а во следното коло во петок од 11 часот се среќаваат со Велс.