Американскиот новинар Грант Вал, кој работи за „CBS Sports“ и има напишано книга за Дејвид Бекам, бил малтретиран на стадион во Катар поради носење маица со боите на виножитото пред почетокот на натпреварот САД – Велс на Светското првенство на стадионот „Ахмед Бин Али“ во Ал Рајан.
– Кога дојдов на стадионот облечен во маичка со виножито за поддршка на ЛГБТ заедницата, редарите ми забранија да влезам. Ме задржаа 25 минути и бараа да ја соблечам маицата. Твитнав за тоа. Еден момент подоцна, еден од чуварите насилно ми го грабна телефонот од раце. Помина речиси половина час. Чуварите одбија да ми го вратат телефонот и рекоа дека мојата маица е „политизирана“ и бараа да ја соблечам. Јас одбив. Мојот пријател Ендрју Дас, новинар на „Њујорк Тајмс“, минуваше и му кажав што се случува. Го уапсија и него. На крајот чуварите ме натераа да станам и да се свртам кон безбедносната камера. Еден од чуварите праша: „Дали сте од Велика Британија? Јас одговорив: „Од Њујорк“. Ова почна да ме нервира. Конечно го ослободија Енди. И тогаш ми пријде шефот на обезбедувањето. Тој рече дека ме пуштаат и ми се извини. Се ракувавме. Еден од редарите ми кажа дека само се обидуваат да ме заштитат од навивачите внатре кои би можеле да ме повредат поради носењето на маицата. Подоцна ми се извини и претставникот на ФИФА. Но, оваа епизода ме натера да размислам како им е на обичните Катарци кога целиот свет не гледа во нив, напиша американскиот новинар на својата веб-страница.
Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) донесе забрана за било какво носење симболи или пароли, од страна на националните тимови, новинарите но и навивачите, за поддршка на ЛГБТ-популацијата, почитувајќи ги законите на земјата домаќин на Мундијалот.