Американското семејство Глејзери ја разгледуваат опцијата за продажба на Манчестер јунајтед по 17 бурни години, јавува „Скај спортс“ во уште една вест што ги стресува „ѓаволите“, и тоа неколку часа по објавувањето дека го раскинале договорот на Кристијано Роналдо по неговото интервју со Пирс Морган.
Американските газди постојано беа критикувани од голем дел од навивачите на Манчестер јунајтед по преземањето на клубот во 2005, со обвинувања дека само цедат пари од клубот, а враќаат многу малку во инвестиции на стариот стадион и тренинг-центар. Според „Скај њуз“, Глејзери се подготвени јавно да објават интерес за надворешни инвестиции во клубот, со потенцијално целосно продавање на клубот.
Тие додаваат дека веќе се контактирани повеќе инвестициски банкари со детали за процесот, со можност за целосна продажба или стратешко партнеерство, а се верува дека Глејзери ќе бараат помеѓу 5 и 9 милијарди фунти да го продаат клубот. Јунајтед има драстичен пад во успесите на фудбалските терени по заминувањето на сер Алекс Фергусон во 2013 година, последна во која освои титула со повеќе врвни менаџери што поминаа низ клубот.
Минатата недела Роналдо во своето интервју со Морган директно ги критикува Глејзери посочувајќи дека нема еволуција во клубот.
„Ништо не е сменето. Ги сакам фановите и знам дека се на моја страна. Но, ако сакаат успеси, мора да се сменат многу работи. Фергусон го знае тоа најдобро од сите. На Глејзери не им е грижа, тие го водат клубот како комерцијален, а не фудбалски клуб“, обвини тогаш Роналдо.
По објавата на „Скај спортс“, акциите на Манчестер јунајтед на берзата во Њујорк скокнаа 15 отсто.