Данска и Тунис ја отворија групата Д со натпревар без голови (0-0). Тунижаните добро се претставија, Данците имаа повеќе шанси во вториот дел, но на крај репрезентациите се задоволија со поделба на пленот. Двете селекции постигнаа по еден гол, но оправдано беа поништени заради недозволена позиција. ВАР-снимката прегледуваше потенцијален пенал за Данска во 93. минута, но судијата се одлучи да не покаже на белата точка.
Афричката репрезентација беше поопасна во првото полувреме. Данците започнаа бавно и дозволија противникот да се разигра. По 24 минути игра се тресеше мрежата на Каспер Шмајхел. Погодокот на Исам Џебали беше поништен поради офсајд, па беше скратена радоста на Тунижаните. Во завршницата од првиот дел истиот фудбалер не искористи дуел еден на еден со данскиот голман, па на пауза се замина со почетниот резултат.
Претпазливо се влезе и во продолжението од мечот. Иницијативата ја презеде данскиот национален тим, но немаше сериозни шанси пред двата гола подолг период. Каспер Долберг ја испрати првата закана кон голот на Тунис. Потоа Данска започна да игра подобро и да реди шанси. Андреас Корнелиус од непосредба близина испрати удар со глава, но ја погоди стативата, што беше најдобрата прилика за отворање на резултатот.
До крајот не се случи ништо конкретно. Никој не сакаше да преземе поголем ризик, па мечот заврши без победник. Вечерашниот втор меч од оваа група ќе го одиграат актуелниот светски првак Франција и Австралија.