Широки Бријег му го нанесе првиот пораз на Пелистер во новата сезона во АБА2-лигата. По победите над ТФТ и Шенчур, кошаркарите на Пелистер загубија со 83:73 од босанскиот тим, кој стигна до првата победа.
Пелистер добро го почна натпреварот, по првиот период, обезбеди три поени позитива, а на полувремето замина со два поена предност (40:38).
Сепак, во третата четвртина Широки Бријег го презеде водството, а до крајот го зголеми и на двоцифрена разлика (83:73).
Во победничкиот тим најефикасен беше Брзоја со 27 поени. Кај Пелистер се истакнаа Хаџифејзовиќ со 20 и Мустафица со 12 поени.
Во следното коло битолскиот тим ќе се сретне со Вриједноснице Осијек.