Селекторот на фудбалската репрезентација на Србија, Драган Стојковиќ – Пикси во пресрет на првиот настап на 22. Светско првенство во Катар, каде вечерва (20 часот) ќе излезе на мегдан против најтрофејната селекција со пет освоени светски титули Бразил, смета дека не е невозможно да се победи.
Дуелот на Бразил, првиот фаворит за титулата во Катар и Србија која под водство на Стојковиќ покажа победнички менатлитет за многумина е дерби на првото коло во групната фаза.
-Рековте дека четворица напаѓачи ќе играат против Србија? Тогаш сме готови… Но, дали некој ќе игра во одбраната? Бразил е голем тим и еден од најдобрите во светот и тоа е златна генерација на фудбалери. Бразил има шанса да победи, но ние не се плашиме од никого на светот – дури ни од Бразил. Извинете, но вистина е, не се плашиме од никого, рече легендата на српскиот фудбал.
Натпреварот кој започнува од 20:00 часот по средноевропско време се игра на најголемиот стадион во Доха, „Лусаил Иконик“, со капацитет од 88.000 седишта.
Денеска на програмата: ГРУПА Г: Швајцарија – Камерун (11:00 ч.), Бразил – Србија (20:00 ч.). ГРУПА Х: Уругвај – Ј.Кореја (14:00 ч.), Португалија – Гана (17:00 ч.).