Холандија не успеа да победи со Еквадор (1-1), а мора да биде среќна што остана непоразена затоа што тимот од Јужна Америка играше одлично во вториот дуел од Светското првенство (СП). Луј ван Гал, селекторот на „лалињата“, призна дека неговите фудбалери потфрлиле.
„Одново не ја контролиравме топката добро, губевме дуели и не можам да поверувам колку бевме слаби. Сепак, подобро бод отколку пораз. Во Лигата на нациите покажавме дека сме способни да играме многу добар фудбал, ама на ова СП имаме противници кои негуваат различен стил и ни создаваат проблеми. Не сум толку разочаран, затоа што пак сме први во групата. Фудбалерите имаат поддршка од мене“, изјави 71-годишникот.
Холандија во последното коло од групната фаза ќе игра со веќе испаднатиот Катар, додека Сенегал и Еквадор во меѓусебна пресметка ќе играат за нокаут-рунда.