Пејачката Рита Ора, која е родена во Приштина, стана дел од збирката марки на Поштата на Косово.
„Повеќе од десет години на врвот на меѓународната музичка и уметничка сцена, таа ја користеше секоја можност преку својата слава да ја промовира својата родна земја, Косово, како и целиот албански народ“, се вели во соопштението на Пошта Косово.
По повод објавувањето на оваа поштенска марка, извршната директорка на Косовската пошта, Факете Кадиу, изрази благодарност до Рита Ора.
„За Поштата на Косово е чест да ѝ оддаде почест на Рита Ора. Таа ни подари многу убави моменти и бескрајна гордост со нејзините песни, настапи и прекрасни концерти. Оваа прекрасна марка нека биде и симболичен подарок на Косово за нашата пејачка, на овој посебен ден за неа, за нејзиниот исклучителен придонес за нашата земја и нашата нација“, рече Кадиу.
Поштенската марка со ликот на Рита Ора ќе биде објавена в сабота, на 26 ноември, поточно нејзиниот роденден.
Во текот на својата кариера Рита Ора освои престижни награди на меѓународната сцена, како и на Косово и Албанија, а од 2015 година ја носи титулата почесен амбасадор на Косово.