Средношколци од 12 скопски средни училишта следеа проекција на филмови за климатски промени и отпад во киното Синеплекс, во рамки на проектот „EU Youth Cinema: Green Deal”, финансиран од ЕУ и спроведен од Здружението Гоу Грин Скопје во соработка со Град Скопје.
Младите средношколци ги следеа филмовите „Фактите за климатските промени” (во продукција на BBC, 2019) и „Планина од отпад: скриениот товар од нашиот моден отпад” (Fellipe Lopes, 2020). Проекцијата на филмовите се одвива во текот на Европската недела за намалување отпад. Она што оваа недела ја чини посебна е напорот и страста на илјадници волонтери кои ја шират пораката за одговорна потрошувачка и циркуларна економија во нивните заедници.
Оваа година, Европската недела за намалување отпад се фокусира на отпадот од текстил за да го означи големото влијание што го има текстилната индустрија врз Планетата, но главно и да поттикне акции кои ќе ја зголемат циркуларноста во овој сектор. Позади црвените теписи, модните ревии и продажбите на облека, постои масивна индустрија која вработува 1.5 милион луѓе само во Европа. Но, другата страна на паричката има поинаква приказна, не толку привлечна и малку повеќе загрижувачка.
Според модниот дизајнер Ирина Тошева “пред купување облека, добро е да се провери од каков состав е направена да не не натера само евтината цена да ја купиме. Тоа е најмалото нешто што може да го направиме кон намалување на текстилен отпад. Денес е Black Friday, ќе има највејоратни многу попусти и може да почнеме да го практикуваме овој пример.”
За Борче Кузмановски, експерт за отпад, “граѓаните директно можат да влијаат на намалување на климатските промени преку промена на сопствените навики како намалување на создавање количини отпад и оној отпад кој неизбежно се создава да биде правилно селектиран, за да се избегне негово депонирање, а со тоа и создавање на стакленички гасови кои придонесуваат кон глобалното затоплување”.
Текстилната и модната индустрија се едни од секторите кои имаат најголемо штетно влијание врз почвата, водата и емитираат голем дел од стакленичките гасови. Овој сектор има високо социјално и еколошко влијание во секоја фаза: производство, дистрибуција, употреба и после употреба (собирање, селектирање, рециклирање и крајно одлагање на депонии или во печки за горење).
Текстилната индустрија е четврта по користење примарни материјали и вода. На пример, за да се направи еден пар фармерки потребни се 7.000 литри вода, додека за една маица по кратки ракави потребни се 2.700 литри вода – што е еднакво на количество вода за една личност за 2.5 години. Производствениот процес генерира околу 15-35 тони CO2 еквивлент за секој тон обработен текстил. Купувањето и користењето на облека, обувки и текстил во домаќинствата во ЕУ е петта категорија која придонесува до емисии на стакленички гасови.
Секоја година, во просек, секој Европеец троши 26 килограми текстил, од кои 11 килограми се фрлаат по нивно носење од само 7-8 пати. Овие ткаенини или текстил се фрлаат во Европа, 87% се спалуваат или завршуваат на депонии, додека само 10% се враќаат во продавниците за поволна облека (second hand shops). Како одговор на ова, Европскиот Парламент ја одобри Рамковната директива за отпад, која наложува земјите-членки да почнат селекција на текстилен отпад до 2025 година.
Би сакале да се заблагодариме на Европската Унија и на Федералното Министерство за заштита на климата, Животна средина, енергија, мобилност, иновации и технологија (BMK) во Австрија за спонзорирање на EU Youth Cinema: Green Deal. Исто така голема, благодарност до Cineplexx и тимот на Cineplexx Скопје Сити Мол за гостопримството.