Кошаркарите на ЛА Лејкерс дојдоа до само шестата победа во 17. меч сезонава во НБА, откако ноќеска, како гости, го совладаа тимот на Сан Антонио спарс (105-94).
Ова беше четврти триумф во последните пет натпреври за „езерџиите“, а прв по подолго време со Леброн Џејмс во екипата, кој се врати по пропуштените шест дуели поради повреда. Тој средбата ја заврши со 21 поен, осум скока и пет асистенции, а одлично одигра и Ентони Дејвис, кој средбата ја заврши со 25 поени и 15 скока.
Најдраматично од ноќешната понуда во најсилната лига беше на дуелот помеѓу Портланд трејлблејзерс и Њујорк никс одигран во „Медисон Сквер Гарден“ во кој гостите победија со 132-129 и тоа по продолжение од пет минути. Џереми Грент со личен рекорд од 44 поени и Енферни Симонс со 38 поени, беа творци на триумфот на тимот од Орегон, а им помогна и Јусуф Нуркиќ со 20 поени, осум скока и седум асистенции. Грент на мечот изведе дури 28 слободни фрлања, што е најмногу сезонава во НБА и клупски рекорд на Портланд.
Јанис Адетокумбо и Стеф Кари беа најзаслужни за победите на своите тимови. Гркот со 38 поени го предводеше Милвоки бакс до триумф над Кливленд кавалирс (117-102), во кој имаше дури девет забивања, што е негов личен рекорд. Кари, пак, уфрли 33 поени, од кои 13 во последната четвртина, за победа на Голден стејт вориорс над Јута џез (129-118).
Никола Јокиќ со дабл-дабл ефект беше меѓу најзаслужните за триумфот на Денвер нагетс над ЛА Клиперс (114-110). Српскиот центар постигна 19 поени со 13 скока и шест асистенции, додека Гордон имаше 29 поени и седум скока, а на другата страна Вол имаше 23 поени.
РЕЗУЛТАТИ: Орландо – Филаделфија 99-107, Њујорк – Портланд 129-132 (п), Бостон – Сакраменто 122-104, Хјустон – Атланта 128-122, Индијана – Бруклин 128-117, Мемфис – Њу Орлеанс 132-111, Мајами – Вашингтон 110-107, Милвоки – Кливленд 117-102, Оклахома – Чикаго 123-119 (п), С. Антонио – ЛА Лејкерс 94-105, Феникс – Детроит 108-102, Г. Стејт – Јута 129-118, ЛА Клиперс – Денвер 104-114.