Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) потврди дека е отворена дисциплинска постапка против Фудбалската федерација на Србија откако знаме на кое Косово е прикажано како дел од територијата на Србија било закачено во соблекувалната пред натпреварот со Бразил на Светското првенство во Катар.
Србија во четвртокот загуби од Бразил со 2-0, а фотографијата со знамето на кое е испишана порака „Нема предавање” стана вирална на социјалните мрежи откако ја сподели косовскиот министер за култура, млади и спорт Хајрула Чеку.
– Срамни слики од соблекувалната на Србија кои испраќаат пораки на омраза, ксенофобични и геноцидни пораки кон Косово, експлоатирајќи ја платформата на Светското фудбалско првенство, напиша Чеку на својот Твитер профил.
ФИФА соопшти дека постапката против Србија е отворена врз основа на членот 11 од Дисциплинскиот правилник и членот 4 од Правилникот на Светското првенство 2022.